
Четвртата експедиција ни беше планирана во областа Горна Кичава, односно селата во некогашната Општина Зајас, со што ќе ја довршевме оваа општина. Планот ни беше да го искористиме продолжениот празничен викенд околу 11 Октомври. По многу промени на временската прогноза, на крајот моравме да го промениме и нашиот план и да тргнеме во недела (11 октомври) кон Кичево преку резерватот „Јасен“, бидејќи спиевме во Македонски Брод, со што експедицијата ја скративме на еден ден.
На оваа експедиција беа присутни вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски, додека MacedonianMaps поради работни обврски беше отсутен.
Како одмина денот
Бидејќи експедицијата ни беше скратена, утрината на 12 октомври станавме во 6:30 со цел да се обидеме да ја започнеме експедицијата што е можно порано. Најпрвин проверивме во Македонски Брод дали работи познатата бурекџилница, но откако видовме дека е затворена се упативме во Кичево. Таму, исто така, најпрвин проверивме дали работи познатата бурекџилница на кружниот тек кај автобуската станица, но и таа не работеше, поради што најдовме една отворена малку подолу. По традиционалниот бурек, можевме да ја започнеме експедицијата.
Првите две села на посета ни беа селата кои се во непосредна близина на самиот град Кичево, како што се Осој и Раштани. Осој е поделено на стар и нов дел, што го откривме кога појдовме кај црквата „Св. Петка“, околу која се наоѓаат бројни напуштени и руинирани селски куќи, додека атарот на селото зафаќа и дел од новите куќи, кои се граничат со самиот град. Покрај оваа црква, Осој поседува уште една црква, која е сместена кај военото стрелиште на Армијата, до која води земјен пат. Од Осој, се упативме во Раштани, каде директно се упативме кон селската црква „Св. Ѓорѓи“. Од Раштани се пружаше поглед на крајот на автопатот Кичево-Охрид, каде токму дента беше поставен камен-темелникот за неговото довршување до селото Букојчани, каде треба да се спои со автопатот во изградба Гостивар-Букојчани.
По овие две села, продолживме по патот кон превојот „Стража“, при што прво село ни беше Трапчин Дол, во кое фотографиравме училиште и џамија. Кратко по него, а без малку целосно споено, се наоѓа и новиот дел на селото Длапкин Дол, во кое првин застанавме да ја фотографираме железничката станица, а потоа старата и новата џамија. По овие две џамии, отидовме до поштата и основното училиште. На крај, се упативме и до горниот дел од селото, за да провериме дали има нешто вредно за фотографирање, но не најдовме ништо интересно.
Од Длапкин Дол само го преминавме регионалниот пат и продолживме кон селото Колибари, каде ги фотографиравме џамијата и основното училиште. Кај основното училиште забележавме дете со постар човек, кои дошле на училиште, иако дента беше неработен ден, што беше необична ситуација.
Од ова село, по мало кратко возење, свртевме лево и се упативме кон нови четири села. Најпрвин започнавме со Грешница, каде застанавме уште на самиот влез за да го фотографираме училиштето, а потоа продолживме низ селото да ги фотографираме двете селски џамии. Од Грешница, свртевме повторно лево кон селото Лешница, во кое покрај селска џамија и училиште, се наоѓа и црквата „Св. Кузман и Дамјан“, која е доста зачувана и очигледно обновена во поново време. Во дворот на селската црква се наоѓаше јаболкница, па така пробавме убави јаболки.
Од Лешница продолживме кон Бачишта, но првин попатно поминавме низ Речани-Зајаско, кое е мало село со една џамија. Во Бачишта откако ги фотографиравме основното училиште на влезот, џамијата на самиот крај и реката, застанавме на сретсело да се напиеме кафе. Во кафулето нѐ прашаа што правиме и ни се пожалија за слабиот интернет во селото.
Од Бачишта се упативме кон раштрканото село Зајас, кое има четири големи маала раштркани на двете страни од регионалниот пат. Од Грешница преку Муцошко Маало влеговме во маалото Челиковци, каде ги фотографиравме двете џамии и еден помал исламски објект, како и основното училиште, но и огромните вили изградени во селото. Потоа продолживме во делот Ѓума (или Џума), од каде се придвиживме кон централното основно училиште, кое е сместено на патот за селата Горно и Долно Строгомиште. Поради оваа причина, ги фотографиравме дронски двете села, но и ги посетивме двете села, каде во секое имаше по една џамија и основно училиште.
По овие две села и кратко возење по регионалниот пат, отидовме да ги опфатиме другите два дела од Зајас, Теќе и Укај. Во делот Укај се наоѓа и железничката станица, која е целосно руинирана и напуштена. Од тука продолживме кон селото Букојчани, каде ги фотографиравме двата дела на селото, но и селската црква „Св. Никола“, во која се наоѓа и гробот на пејачот Војо Стојановски. Во ова село беше идејата, дали да отидеме кон останатите три села по патот, или пак да се обидеме да ги фатиме трите села од некогашната општина Осломеј, кои ни останаа непосетени. На крај, одлучивме да ги посетиме селата од општината Зајас.
Продолжувајќи кон превојот Стража, најпрвин скршнавме лево кон селото Мидинци за да го фотографираме од птичја перспектива, а потоа на другата страна од патот ги пронајдовме двете селски цркви: црквата „Св. Илија“ до која се доаѓа по лош земјен пат и црквата „Св. Петка“, која е во близина на самиот регионален пат.
Од Мидинци продолживме кон селото Колари, низ кое сите ние толку пати имаме поминато, каде ги сликавме основното училиште и џамијата, како и еден општествен објект, а потоа продолживме кон последното село дента, Тајмиште. Но, пред да дојдеме во селото, заглавивме во колоната возила кои чекаа поради реконструкцијата на мостот на Тајмишка Река, токму пред вртењето за селото.
Откако успешно свртевме, најпрвин отидовме до црквата „Св. Петка“, сместена на рид пред селото. Потоа, повторно застанавме за да ја сликаме некогашната железничка станица, која била доста голема и во која уште имаше напуштени уреди и опрема. Станицата и пругата до селото била изградена за потребите на големиот рудник „Тајмиште“, кој се затворил во 1989 година. Административните и другите објекти на рудникот се наоѓаат на самиот влез во селото, додека самиот рудник е високо на планината Бистра, до кој води убав калдрмисан пат. Пред да се упатиме по тој пат, отидовме до селото, каде се наоѓа убавата црква „Св. Петар и Павле“, која многу потсетува на мијачките цркви. Иако се мислевме дали да појдеме до рудникот, сепак на крајот преовлада љубопитството и отидовме, возејќи се 20-тина минути. Патот е добар и води низ прекрасна шума и се искачува високо во планината. Горе направивме дронски фотографии и рековме дека ќе дојдеме повторно наменски да го истражиме овој предел.
ИсхоД
Иако на крајот не успеавме во првичната замисла да ја затвориме дупката од Општина Кичево, сепак и покрај временските неприлики викендот успеавме да направиме успешна експедиција со фотографирани 16 нови села и поминати над 400 километри.





