Третата експедиција ја одржавме дури кон крајот на август, откако членовите завршија со летните одмори. Го одбравме викендот за време на Голема Богородица и на 27 август август појдовме кон Крушево, средишна точка за посета на двете области.
По препорака го одбравме новоотворениот хотел „Св. Никола“ во самото средиште на градот и не погрешивме, бидејќи хотелот со своите соби и појадокот навистина се покажа во одлично светло.
По појадокот и пронаоѓањето на продавница за храна и пијалаци во текот на денот, продолживме кон првото село, а тоа како по правило е секогаш најоддалеченото село од областа. Во случајот тоа беше селото Пуста Река, некогаш доста големо и развиено село. Благодарение на обновата на регионалниот пат Крушево-Долно Дивјаци, до селото се стигнува по исклучително убав асфалтиран пат кој води низ самата крушевска Корија. Откако ќе заврши регионалниот пат кај Долно Дивјаци продолжува потесен асфалтиран пат до селото. Во Пуста Река првин се упативме кон манастирот „Св. Илија“, кој е на патот за селото Цер. До манастирот патот е земјен, но е во добра состојба. Во самото село ја фотографиравме селската црква, стариот мотел, поранешното основно училиште, како и два споменици.
Од Пуста Река, продолживме кон малото Горно Дивјаци, кое воодушевува за зачуваната архитектура, амбарите, низите тутун на куќите, како и некогашната училишна зграда во селото. Низ селото тече мал поток, кој треба да се премине за да се дојде до селската црква „Св. Димитриј“. До селото води асфалтен пат, кој се исклучува од патот до Пуста Река. Кога завршивме во селото, се вративме по патот назад, но само кратко потоа скршнавме лево по земјен пат кон возобновената црква „Св. Ѓорѓи“.
Потоа продолживме кон поголемото село Долно Дивјаци, кое ние еднаш веќе го имаме посетено во рамки на областа Железник, но сега му посветивме поголемо внимание и застанавме да ја фотографираме селската црква, која тогаш не сме ја доловиле.
Пред да се вратиме во Крушево, застанавме најпрвин кај селската црква на Арилево, која е буквално на самиот пат. Црквата е оградена со ѕидини, каде се наоѓаат и селските гробишта на Арилево. Во црквата не бевме пријатно пречекани од посетителите/мештаните, дури и бевме обвинети дека ние сме биле тие што ја ограбиле црквата, настан што се случил неделата претходно. Откако некако се разбравме, продолживме кон самото село Арилево, кое е доста мало и освен старото училиште нема други значајни објекти. На крајот, ја посетивме и новата црква „Св. Атанасиј“, до која се доаѓа по земјен пат.
Откако завршивме со Арилево, не чекаше долго кружење до Острилци преку Крушево, село кое повеќе припаѓа на соседната област Железник. Пред да се вратиме во Крушево, наминавме во манастирот „Св. Преображение“, како и поставениот крст во близина за да уживаме во одличната панорама на Пелагонија, но и на Бушева Планина. На самиот влез во селото Острилци се наоѓа селската црква „Св. Ѓорѓи“. Откако брзо завршивме со Острилци, знаевме дека ќе имаме авантура до раселеното село Бирино, до кое води земјен пат од кај споменикот за Мечкин Камен. Иако го замислувавме за доста полош земјен пат, особено земајќи в предвид должина од околу 8 километри, сепак патот беше во доста добра состојба и успешно дојдовме до селото Бирино, кое некогаш било големо како град. Денес, таму се останати одвај неколку куќи, како и селската црква „Св. Илија“, каде и најдовме мештани од селото, кое и не прошетаа низ неколкуте преостанати куќи.
По паузата во Бирино, повторно се вративме во Крушево, овојпат посетувајќи ги низинските села од општината. Прво на ред беше селото Алданци, кое низ историјата секогаш било мешано село. Така, во самото село се наоѓа џамија, додека кај основното училиште е изградена голема и убава црква „Св. Илија“. Од Алданци, продолживме кон поголемото село Норово, во кое иако се обидовме не можевме да го најдеме селското училиште. Од Норово првин се упативме кон Селце, село во чиј атар се наоѓа и манастирот „Св. Преображение“, кој го посетивме претходно. Во селото ја пронајдовме селската црква „Св. Петка“, но иако се обидовме безуспешен ни беше обидот да ја фотографираме куќата на Веле Марков. Куќата беше означена на картите на Гугл, но најверојатно стануваше збор за погрешна ознака, бидејќи таков објект не постоеше на таа ознака.
По Селце продолживме кон Житоше, некогашно општинско седиште, во кое денес постои и гимназија. Селото некогаш се двоело на Долно и Горно Житоше и поседува три џамии, од кои таа на сретсело е убава стара џамија. Покрај гимназијата, селото поседува и големо основно училиште, како и други општествени установи. Надвор од селото се наоѓа Житошкиот манастир, кој иако вака се нарекува повеќе припаѓа на селото Локвени од каде му е и пристапниот пат. Поради тоа и манастирот го оставивме да го посетиме следниот ден.
По Житоше следуваше големото село Лажани, кое поседува повеќе верски објекти (една црква и две џамии), како и повеќе општествени објекти. Црквата е надвор од селото и беше целосно заклучена и имавме ограничени можности да ја фотографираме. Од Лажани се упативме кон селото Борино, кое има две џамии, а во непосредна близина се наоѓаат две мали вештачки езера. Иако веќе еднаш се придвиживме кон основното училиште во Борино да го фотографираме, не сфативме дека тоа е патот и за соседното село Белушино, поради што мораше низ Борино да поминеме повторно. Во Белушино стои дека се наоѓа средновековна црква „Св. Никола“, но ние не успеавме да ја пронајдеме, иако бевме подолго време таму. Ги фотографиравме џамијата и селското училиште кои се сместени на крајот од селото.
По овие две села продолживме до селата Јакреново и Саждево, кои буквално се едно до друго и кои брзо ги поминавме. Покрај што и двете села имаат џамии, во Саждево на сретсело се наоѓа основно училиште за учениците од двете села.
Како крај на денот ни беше селото Кошино, во кое првпат кога влеговме знаевме дека има две цркви, но иако влеговме во селото ние не можевме ниту една да пронајдеме. Откако го фотографиравме училиштето и дел од селото, еден мештанин, за кој иако немавме верба во тоа што го говори, сепак ни помогна да ги пронајдеме и двете цркви. На враќање од втората црква, други мештани ни потврдија дека правилно ни кажал човекот и дополнија дека имале и трета црква над селото, до која сепак рековме дека нема да одиме, бидејќи веќе беше пред заоѓање.
На враќањето кон Крушево, некако веќе по навика, бевме застанати од полициска контрола, но брзо не пуштија.
Втор ден
Вториот ден го започнавме веднаш по појадокот во хотелот и го напуштивме Крушево, симнувајќи се во рамницата. Овојпат започнавме со посета на селото Врбоец, збиено село, во кое повторно се уверивме за грешките во списокот на верските објекти низ Македонија. Имено, во селото имавме податоци дека има три цркви со различни имиња, а утврдивме дека се работи за две цркви посветени на Голема и Мала Богородица, едната сместена во самото село, а другото над селото.
Од Врбоец, многу брзо стигнавме до Свето Митрани, каде лесно ги пронајдовме двете селски цркви и основното училиште. Од него продолживме кон колонистичката населба Милошево, кое повремено се водело како маало на Пресил. Во селото нема никакви општествени или верски објекти, освен споменикот за загинатите мештани од бугарските фашисти. Од Милошево продолживме во селото Пресил, каде повторно нашите податоци покажуваа дека селото поседува две цркви, но иако имавме и добар поглед на селото од едната црква, ние не можевме да ја пронајдеме втората црква.
Во селото Бучин, кое се наоѓа на раскрсница на патиштата помеѓу Пелагонија и Железник, имавме доста за посета. Најпрвин се упативме кон Бучинскиот манастир, сместен помеѓу двата железнички тунела на непостоечката железничка линија Бакарно Гумно-Сопотница, каде направивме и мала пауза. Потоа се упативме во самото село Бучин, каде нѐ пречека Стариот камен мост, кој за жал е оставен да пропаѓа. Бучин е уредено село со повеќе општествени објекти, а поседува и централно училиште. До самото училиште се наоѓа главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“. По мало истражување во самото село ја пронајдовме и местоположбата на третата црква „Св. Димитриј“, движејќи се буквално низ ниви и јазови од Црна Река. Црквата е изградена во насока на возвишението Кале, каде се наоѓал средновековниот град Будимград, но и древниот град Алкомена.
Со Бучин ја завршивме посетата на Општина Крушево и преминавме во соседната општина, Кривогаштани. Селата во Општина Кривогаштани беа полесни за посета, бидејќи се рамничарски, но и се доста близу едно од друго. Првин го посетивме селото Воѓани, каде направивме фотографии од повеќе општествени објекти и од селската црква. Веднаш до Воѓани, се наоѓа селото Бела Црква, во кое се наоѓа основното училиште за двете села. Исто така, ја фотографиравме и селската црква. Кратко по Бела Црква, влеговме во селото Обршани, во кое направивме неколку фотографии од селото и од селската црква, како и од манастирот во близина на селото.
По Обршани, продолживме кон селото Пашино Рувци, кое покрај селската црква, поседува голем манастир во негова близина. Токму кај овој манастир се решивме да направиме пауза и да одмориме. Кога сакавме да продолжиме откривме дека една од гумите на нашето возило е полуиздишана и тогаш откривме дека во нејзе влегол штраф. Така, пред да продолжиме со експедицијата првин најдовме една бензинска пумпа кај Обршани за да ја допумпаме гумата. По ова фотографиравме уште неколку објекти во самото Обршани и продолживме кон селото Боротино, кое поседува црква „Св. Марина“, што е ретко име за селски цркви во нашата држава. Од него, повторно се вративме во Обршани и продолживме кон селото Крушеани, кое поседува основно училиште и две цркви.
По Крушеани, следно ни беше општинското средиште Кривогаштани, кое поседува бројни општествени објекти и четири селски цркви. Во самото село најдовме и вулканизер, кој за кратко време ја среди гумата со што можевме да бидеме мирни и да продолжиме со ред со експедицијата. Иако имаше четири цркви, во селото лесно ги пронајдовме сите тие цркви.
Од Кривогаштани продолживме кон север и отидовме кон селата Кореница и Годивле. Кореница е мало село, во кое училиштето е веќе затворено. Селската црква им се наоѓа надвор од селото и беше лесно воочлива. До Годивле брзо пристигнавме, каде работи основно училиште, а селото поседува и селска црква. Пред да се вратиме на регионалниот пат помеѓу Кривогаштани и Житоше, на самата раскрсница бевме повторно застанати од полициска контрола.
Како последно село од Општина Кривогаштани беше селото Подвис, кое поседува селска црква и основно училиште.
До Подвис се наоѓа селото Локвени, кое во минатото било на Општина Житоше, а денес влегува во рамки на Општина Долнени. Во селото е зачувана стара селска црква, која иако е во рамки на самото село, тешко се пристапува поради изградбата на нови куќи и нивните дворови. Во селото во поново време е подигната џамија. Над него се наоѓа возобновениот Житошки манастир, кој во минатото бил доста познат и богат и припаѓал на соседното село Долно Житоше. Иако во минатото бил разрушен, тој денес повторно е подигнат и се градат и конаци. Кај манастирот ја завршивме и оваа експедиција.
Исход
Со фотографирани 30 нови села, 2 повторно посетени и поминати над 600 километри, експедицијата беше доста успешна.