Мини Експедиција во Мавровско

На 15 ноември (недела) се упативме кон Галичник и селата долж Мавровското Езеро, со цел да затвориме уште една непокриена површина на нашата карта на посетени села. Уште пред појадок, застанавме да го фотографираме Врбенскиот манастир, кој се наоѓа веднаш над регионалниот пат пред Маврови Анови, иако се води како манастир на селото Врбен.

По појадокот во Маврови Анови, застанавме таму да ја фотографираме селската црква, здравствената амбуланта и основното училиште, а потоа се придвиживме кон излезот на местото да ги фотографираме поштата и неколкуте споменици, меѓу кои и споменикот за загинатите работници при изградбата на браната на Мавровското Езеро.

Откако ја пројдовме браната, застанавме да ја сликаме новата црква т.н. „руска црква“, за потоа да се упатиме кон Галичник. Најпрвин застанавме на видиковец за да направиме дронски снимки од езерото и околината, а потоа повторно застанавме кај карстното поле Тони Вода. Пред да влеземе во Галичник, свртевме лево по земјениот пат за првин да дојдеме до црквата „Св. Петка“ во близина на месноста Смедовица. Од таму со дрон го фотографиравме и некогашното село Сушица, од кое нема никакви остатоци.

По враќањето во Галичник најпрвин ја сликавме новата селска црква, а потоа и главната селска црква „Св. Петар и Павле“, пред да ја сликаме и селската црква „Св. Петка“. На сретселото направивме фотографии и од повеќето споменици таму.

Откако се симнавме во Маврово, најпрвин застанавме кај потопената црква „Св. Никола“, која сега беше целосно на суво, бидејќи езерото е доста повлечено. Потоа, застанавме кај основното училиште и гробишната црква „Св. Јован Крстител“, каде е подигната и нова мала црквичка со истото име.

Откако веќе изминуваше дневната светлина, се упативме кон Никифорово, каде пред селото застанавме да ја сликаме манастирската црква „Св. Пантелејмон“, а потоа влеговме во самото село, каде исто така има селска црква „Св. Пантелејмон“. Кај црквата се наоѓаат и повеќе некогашни општествени објекти.

По Никифорово и последното дневно светло, имавме точно време да влеземе во Леуново и да го сликаме малиот параклис во селото и селската црква, од која веќе имавме неколку фотографии.

По Леуново, се вративме во ресторанот Мавровски мерак за вечера и со тоа официјално да ставиме крај на овогодинешните експедиции.

На дополнителниот ден во Мавровско, посетивме 3 нови села, 3 веќе посетени села и поминавме над 300 километри.

СЛИЧНИ НОВОСТИ

ГОРНА КИЧАВА – Последна експедиција за 2026

Четвртата експедиција ни беше планирана во областа Горна Кичава, односно селата во некогашната Општина Зајас, со што ќе ја довршевме оваа општина. Планот ни беше да го искористиме продолжениот празничен викенд околу 11 Октомври. По многу промени на временската...

Бушева планина и Прилепско Поле

Бушева планина и Прилепско Поле

Третата експедиција ја одржавме дури кон крајот на август, откако членовите завршија со летните одмори. Го одбравме викендот за време на Голема Богородица и на 27 август август појдовме кон Крушево, средишна точка за посета на двете области. По препорака го...